Разликата е важна – и двете професии имаат своја вредност
Во последниве години, здравиот начин на живот стана сè попопуларна тема. Сè повеќе луѓе се свесни дека телото не е проект од 30 дена, туку систем кој бара грижа, знаење и поддршка.
И тука најчесто доаѓа прашањето – кој е вистинскиот водич на тој пат: нутриционист или фитнес тренер?
Фокусот на нутриционистот
Нутриционистот се занимава со нутритивните потреби на телото, со анализа на навики, лабораториски вредности, хормонална состојба и дефицити.
Работи врз коренот на проблемот, не само врз последиците.
Преку индивидуален пристап и едукативна поддршка, нутриционистот гради план кој е:
- применлив во реален живот
- усогласен со здравствениот статус
- одржлив на долг рок
Како магистер по нутриционизам и личност која секојдневно е посветена на оваа професија, можам одговорно да кажам: промената на телото не започнува во теретана, туку со разбирање на внатрешните процеси.
Здравјето се гради одвнатре.
Улогата на фитнес тренерот
Фитнес тренерот има клучна улога во движењето, мотивацијата и градењето дисциплина.
Тој е водич на патот кон физичка активност, сила и кондиција.
Но, неговата експертиза не вклучува дијагностика на дигестивни нарушувања, хормонален дисбаланс или дефицит на железо, на пример.
Двете улоги се надополнуваат
Наместо да се споредуваат, нутриционистот и тренерот треба да соработуваат.
Најдобрите резултати доаѓаат тогаш кога телото се движи, но и кога добива нутритивна поддршка.
Ако чувствуваш дека не добиваш резултати и покрај вежбањето, можеби е време да вклучиш и нутриционист – за да може целосната внатрешна состојба да ја држиме во идеално ниво.
