
Празничниот период е време на заедништво, семејни моменти и многу вкусна храна.
Но, за многумина, тој носи и чувство на страв и вина:
„Ќе претерам.“
„Ќе ја нарушам рутината.“
„Ќе треба пак да почнам од почеток во јануари.“
Овој начин на размислување создава непотребен притисок и ја одзема радоста од храната и празниците.
Свесното уживање не значи рестрикција, туку избор – избор да бидете присутни, да го слушате своето тело и да ја задржите рамнотежата меѓу задоволството и грижата за себе.
Вината околу храната најчесто доаѓа од т.н. „култура на диети“ – верување дека постојат „добри“ и „лоши“ намирници, дека вредноста на една личност зависи од тоа колку дисциплинирано се храни.
Но храната сама по себе не е морална категорија.
Еден празничен оброк или парче торта не може да го „поништи“ здравиот начин на живот.
Она што е важно е конзистентноста, не совршенството.
Вашето тело не реагира на еден ден, туку на она што го правите во поголемиот дел од времето.
Празниците не мора да бидат период на стрес и рестрикција. Малку ментална подготовка може да направи голема разлика:
Поставете реални очекувања. Ќе има повеќе храна и повеќе искушенија – и тоа е во ред.
Променете го фокусот. Храната е само еден дел од празниците; вистинската вредност се наоѓа во дружењето, благодарноста и мирот.
Отфрлете ја идејата за „совршен режим“. Малите отстапки се дел од животот, не причина за вина.
Практикувајте самосочувство. Ако се прејадете, тоа не е неуспех – тоа е момент, не трајна состојба.
Еве неколку едноставни насоки кои ќе ви помогнат да уживате, а сепак да се чувствувате добро:
Јадете редовни оброци. Не ги прескокнувајте поради „резерва“ за вечерата – тоа само води кон поголем апетит и прејадување.
Изберете што навистина ви се допаѓа.Не мора да пробате сè – изберете ја храната што вистински ја сакате.
Јадете побавно. Телото има потреба од време за да испрати сигнал на ситост.
Пијте доволно вода. Често ја мешаме жедта со глад.
Вметнете движење. Празничните прошетки со семејството или лесни активности ќе помогнат да се чувствувате подобро.
Не компензирате следниот ден.Ограничувањето или „детоксите“ по празници само го одржуваат циклусот на вина и рестрикција. Наместо тоа, едноставно вратете се на вашата вообичаена рутина.
Свесното јадење (mindful eating) подразбира присутност – внимание на вкусот, текстурата и чувството на ситост.
Неколку мали практики можат да помогнат:
Пред секој оброк, запрашајте се: дали сум навистина гладен/а или јадам од навика, досада или стрес?
Извадете ја храната во чинија и седнете да јадете – избегнувајте грицкање „во движење“.
Бидете благодарни за храната и моментот – тоа создава позитивен однос и го намалува чувството на вина.
Празничната сезона не треба да биде период на ограничувања, туку време за уживање и свесен избор.
Ниту еден оброк не ја дефинира вашата вредност или вашето здравје.
Она што навистина има значење е балансот, доследноста и љубовта кон себе.
Дозволете си да уживате во храната, во моментите и во луѓето околу вас – без вина, но со внимание и благодарност.
Тоа е вистинскиот рецепт за здрава празнична сезона.
Ако сакате да научите како да го одржите балансот во исхраната во текот на целата година, не само за време на празниците –
закажете консултација со мене и дознајте како свесната исхрана може да стане ваш секојдневен начин на живот.
