Интолеранцијата на лактоза не е модерен феномен – таа има длабоки историски и генетски корени. Денес, сè повеќе деца и возрасни се соочуваат со оваа состојба, а кај родителите и нутриционистите расте свесноста за важноста на прилагодена исхрана и навремена дијагноза.
Пред неколку илјади години, повеќето луѓе ја губеле способноста да ја разградуваат лактозата – шеќерот кој природно се наоѓа во млекото – веднаш по одвикнувањето од доење. Причината лежи во ензимот лактаза, кој со возраста се намалува кај многумина. Сепак, кај народите кои започнале со сточарство, особено во Северна Европа, се појавила генетска мутација што дозволува производството на лактаза да продолжи и во зрелата возраст. Денес, токму тие народи најлесно го поднесуваат млекото.
Во региони како Источна Азија, Африка, па и делови од Балканот, многумина сè уште имаат природно намалена способност за варење на лактоза, што се рефлектира и во зголемената појава на интолеранција.
Во последните години, кај нас се забележува пораст на бројот на деца со дијагностицирана интолеранција на лактоза. Причината не е дека претходно не постоела, туку дека сега родителите се повеќе информирани, а педијатрите и нутриционистите имаат подобра дијагностичка практика.
Најчести симптоми кај децата вклучуваат:
подуеност,
болки во стомакот,
гасови,
дијареа,
непријатност по консумирање млеко или млечни производи.
Важно е да се нагласи дека интолеранцијата на лактоза не е исто што и алергија на млеко. Додека кај алергијата реагира имуниот систем, кај интолеранцијата се работи за дигестивен проблем.
Првиот чекор е консултација со нутриционист или лекар. Потоа се прави план за прилагодување на исхраната. Денес, на пазарот има голем избор на:
лактоза-фри млеко,
растителни пијалоци (овесно, бадемово, соино и др.),
млечни производи без лактоза,
додатоци со ензим лактаза (по препорака на стручни лица).
Но, кај децата мора да се внимава на внесот на калциум, витамин Д и протеини, бидејќи тие честопати се добиваат преку млечни производи. Со соодветна замена и нутритивно балансиран план, децата можат да растат здраво и без последици.